АЛЕКСАНДАР МИКИЌ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „АМФИ“
Актерот мора да е искрен
Многу ми е убаво кога играм во преполна сала, кога ќе дојдам еден и пол час порано за да се нашминкам за сцена што трае неполни десет минути - сето тоа го правам со љубов

Убаво е да се добие признание од својата матична куќа, токму на
денот кога е роден големиот актер Ристо Шишков. Имам многу трема - вели
највредниот актер за минатата година во Македонскиот народен театар,
Александар Микиќ. Вечерва во 20.30 часот ќе ја добие актерската награда
„Амфи“ што ја воведе МНТ, а е намената за актер кој имал најмногу улоги
во претходната година. Од 240 претстави на репертоарот на театарот,
Микиќ не играл само во 90. Најчесто го облекувал костимот за
претставата „Сомнително лице“ на Синиша Евтимов.
- Идејата е
прекрасна. Убаво е кога матичната куќа наоѓа начини да ги мотивира
своите актери. Кога ќе се погрижи за нив. Чувството е убаво, мотивира
да сакаш да бидеш подобар - вели Микиќ, кој 12 години е вработен во
МНТ, а на неговата сцена бил уште по дипломирањето на Факултетот за
драмски уметности. Неговите ангажмани се големи и годинава - во исто
време подготвува две премиери - „Госпоѓа министерка“ и „Лет во три
глави“.
* Не беа ретки коментарите, па дури и од Ваши
колеги, дека критериумот на најмногу изведени претстави не бил
најдобриот за да се додели награда. Зарем не е тоа најискрениот
критериум за вреднување нечиј труд?
- Квантитетот значи
дека си застапен многу на репертоарот. Тоа значи дека мене ме има во
речиси 90 отсто од репертоарот на МНТ. Тоа значи дека режисерите што
доаѓаат ме бараат да играм. Мислам дека тоа е доволен аргумент за
квалитет. Непосредно кога стана директор и откако разговараше со многу
режисери, Сашо Миленковски во неврзан муабет ме праша: „Па, што е ова,
сите те бараат во претстава!“. Зошто би играл многу ако не вредиш?
ЌЕ БИДАМ АКТЕР И БЕЗ ПАРИ
* Вашите
ангажмани бараат голема кондиција и посветеност. За вас неретко се вели
дека сте присутен и дека поминувате многу време во театарот. Каде е
генераторот на Вашата енергија?
- Интересно е тоа дека
човек по извесен период поминат во својата професија, доаѓа до момент
кога се прашува што понатаму. Имав кризни периоди кога се прашував дали
вреди да се занимавам со актерство, особено во време кога имавме слаби
плати, кога трошев повеќе отколку што добивав, зашто бев речиси секоја
вечер на претстави. Едно лето седнав и размислив што понатаму во
животот - дали да се фокусирам на нешто што би донело повеќе пари или
да продолжам со ова што го правам. Се вратив на времето на моите
актерски почетоци и се потсетив со каков елан и енергија тргнав на
приемен испит, колку ми беше важно да ме примат, колку го чекав
списокот за да знам дали сум примен на Факултетот и колку многу се
радував кога го видов своето име на него. Кога се потсетив на тоа,
сфатив дека би ја работел оваа работа и без пари. Од тој момент, немаше
дилема во мене, доаѓам со истиот ентузијазам на секоја проба и се
трудам во секоја претстава да се внесам што повеќе, па позитивно да
влијаам и кај колегите. Секој од нас има такво премреже во животот. Но,
треба да се донесе одлука, да се биде искрен кон себе, зашто публиката
гледа се'.
*Можете ли да издвоите на која улога најмногу и' се радувавте минатата година? Која ја чекавте со нетрпение?
-
Секогаш се трудам да ги засакам своите улоги. Можеби кога ќе го
прочитам делото се врзувам со друга улога што ми се чини посимпатична и
ме предизвикува повеќе, но поделбата сакала да играм нешто друго. Се
трудам тоа да го надминам во што пократок временски период за да си ја
засакам улогата и да ја направам најдобро што знам. Ако имаш отпор кон
улогата, тоа ќе се види на сцената, без разлика колку и да си спремен и
технички подготвен. Многу ми е убаво кога играм Ками во „Болва во уво“,
исто така кога играм во „Сомнително лице“ во преполна сала или пак,
кога играм во „Мара Сад“. Убаво ми е кога ќе дојдам на „Сликата на
Софија“, еден и пол час порано за да се нашминкам за сцена што трае
неполни десет минути. Сето тоа го правам со љубов. Го сакам театарот.
Многу претстави ми се многу драги за кои ми е жал што денес ги нема на
репертоар. Многу драга улога ми беше во „Превртач“ со Дејан Лилиќ, па
„Професионалци“ со Јордан Симонов, „Перверзии“ во која игравме
четворица. Кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека подраги ми се улогите
што сум ги подготвувал на камерна сцена. Ги сакам и ликот на Мане од
„Буре барут“, „Народен пратеник“, „Кројач за дами“.
КУПУВАМ ЗНАЕЊЕ ОД СЕКОГО
* На
почетокот на својата кариера веројатно си замислувате како би сакале да
биде Вашата кариера. Задоволни ли сте од начинот на кој се развивате
како актер?
- Да. Човек учи додека е жив. Од секој
човек без разлика дали е помлад или постар, од секој режисер се
обидувам да извлечам нешто и да „купам“ нешто. Тоа го научив од времето
кога студирав, зашто човек е на факултет, млад и желен да се докажува,
па често знае да се изгуби во самата желба и од дрвјата да не ја види
шумата. Се надевам дека успеав да го искоренам тоа и да пробам да купам
од секој што има нешто за продавање. Мислам дека се развивам фино и
дека уште многу е пред мене. Јас го одам оној побавниот пат - од мали
кон поголеми улоги. - Сум одбивал улоги, кога едноставно кога не сум
можел да постигнам. Сакам да играм и тоа се гледа. За жал, сум одбивал.
Досега не сум играл во претстава која била политичка или верска
агитација, иако секоја претстава си носи своја порака. Во секоја
претстава се трудам да најдам нешто за кое можам цврсто да се фатам
кога го градам ликот.

* Македонските театри се' поретко се промовираат
меѓународно. Како да бледнее времето кога речиси секое гостување било
закитувано со награди. Ви недостига ли поголем контакт со публиката што
не Ве познава?
- Мислам дека е потребно повеќе да
излегуваме надвор и да се промовираме. Нашиот театар е мошне интересен
за странците. Ние сме големи емотивци и тоа ги фасцинира другите. Ќе се
потсетам на една анегдота во врска со едно гостување со „Буре барут“ во
Готингем, Германија. Во два дена игравме ние и театар од тој град. Ние
настапивме први. Дојдовме од некоја си Македонија, луѓето едвај
слушнале за нас, па не' гледаа со многу прашалници. Претставата помина
феноменално. Прв пат во животот доживеав такво воодушевување од колеги.
Искрено ни честитаа и еден ми пријде и ми кажа дека му било срам да се
појави и да игра во нивната претстава. Сите треба повеќе да се
заангажираме за меѓународната соработка - театрите, Министерството за
култура.
ПОЛИТИКАТА НЕ МЕ ИНТЕРЕСИРА
* Во
минатата година, актерите добија повисоки плати. Тоа натера некои од
нив и да се вратат на сцената од каде што заминале од незадоволство.
Добар ли е, според Вас, статусот на актерите?
- Не знам
како е во другите уметности, ама мислам дека статусот на актерот сега е
на повисоко ниво и добро е што е така. Ако ги видиме примерите на сите
поранешни југословенски републики, ќе видиме дека навистина државата се
грижи за своите уметници. Сметам дека уметноста заслужува да биде на
повисоко ниво. Мислам дека на квалитетот на претставите тоа не се
одразува многу. Никогаш на сцена не сме играле за мала плата.
Едноставно, излегуваме на сцена и даваме се' од себе и најдобро што
можеме.
* Се меша ли политиката многу во театарот?
-
Опасно е кога политиката се меша каде што не треба. Уметноста мора да
се исчисти од политика и стручни луѓе да застанат каде што треба. Не би
рекол дека само политичките ангажмани се влијателни. Има еден милион
начини да се дојде до улога, но јас со тоа не се занимавам. Знам дека
моето место е на сцената, а мојата професија е актерството.
*
За годинава МНТ најави враќање на големи режисери и посветување
поголемо внимание на класиката. Запоставува ли театарот некој жанр кој
сметате дека е задолжително да го има?
- Би морале да
имаме претстави од светските класици, што не значи дека ги немаме. Но,
сепак, тоа треба да бидат претстави што публиката ќе ги гледа. Да се
најде клучот на тие претстави, да кореспондираат со времето денес.
Треба да работат веќе докажани автори, но и млади, а да се активира
повеќе и малата сцена.
Сребра Горгијевска
Фото Маја Златевска
Дневник, 21.03. 2009 година