Линкови
Фејсбук МНТ

 

design by MNT
developed by VESTEL

МНТ - ТЕАТАР ЦЕНТАР, Климент Охридски ББ, 1000 Скопје, Р.Македонија
Телефон: 02/ 3164 667 contact@mnt.com.mk


23-02-2010 04:58 Останати Press
И музички театар во МНТ
Пет премиери, освежување на претставата „Буре барут“, доделување на наградата „Амфи“ и создавање музички театар се плановите на Македонскиот народен театар за годинава. Првата премиера ќе се случи на 8 април, во Берлин во рамките на фестивалот „Опен оп“. Станува збор за претставата „Тупаница полна љубов“, која имаше работен наслов „Песни за Марија“, според текст на Дејан Дуковски, и во режија на Санди Лопичиќ како копродукција со театарот „Нојкелнер опер“ од Берлин. Со оваа претстава МНТ влегува во музичкиот театар и ќе ги истражува музичките театарски форми.

Следната недела почнуваат пробите за втората премиера годинава, „Фауст“ од Гете, во режија на Срѓан Јанаќиевиќ.

- По долго време работам класика, условно речено, и мислам дека овој текст воопшто не е поставуван кај нас. Прашањата што се отвораат во текстот се дали знаењето почнува да поевтинува и дали во еден момент ќе заборавиме да читаме - рече Јанаќиевиќ.

Директорот на МНТ, Сашо Миленковски, најави дека летово треба да биде готова третата нова претстава во режија на Васил Христов. Таа претставува комбинација на два текста - „Опера за три гроша“ од Брехт и „Пеколен портокал“ од Ентони Барџис и ќе биде комбинација на игра и музика. Во почетокот на следната театарска сезона, наесен, премиера ќе има претставата „Солунските атентатори“ на Синиша Ефтимов, за која тој вели дека ќе се заснова на различни документи за солунските атентатори. До крајот на годината во МНТ ќе се случи и последната премиера годинава, односно „Зли души“, по текст на Достоевски и во режија на Златко Славенски.

Миленковски вели дека претставата „Буре барут“ од Дејан Дуковски, која ја режира тој во 1994 година, ја освежуваат со помлади актери, а утре во 17 часот ќе биде првата бесплатна изведба со новата постава.

- В петок завршува првата фаза на подмладување на „Буре барут“, за која се надевам дека ќе живее уште 15 години. Се решивме да ја подмладиме актерската екипа поради тоа што некои реплики веќе не им одговараат на подостарените актери. Ова ќе биде околу 250-та изведба на претставата - вели Миленковски.

Годинава втор пат ќе биде доделена наградата „Амфи“ на актерот што одиграл најголем број претстави изминатата година. Според Миленковски, МНТ ги реализирал сите препораки и забелешки од последната Државна ревизија во предвидениот рок.  (М.Л.)
Останати Press