Претставата
„Важно е да се викаш Ернест“ на Хрватско народно казалиште од Загреб ќе
гостува на сцената на МНТ во Скопје на 29 и на 30 јануари. Постановката
е работена по истоименото дело на Оскар Вајлд, а режисер е Томислав
Павковиќ. Станува збор за хумористична приказна за едно момче со двоен
идентитет, кое ги избегнува општествените и социјални обврски, живеејќи
слободен живот. Со претставата, која премиерно беше изведена 2007
година и доби многубројни позитивни критики, продолжува соработката
меѓу МНТ и Хрватското народно казалиште, почната пред три години.
Директорот на МНТ, Сашо Миленковски, очекува голем интерес за
претставата, особено што во неа играат актери кои се познати и надвор
од Хрватска. - Актерската екипа е одлична, нема уметник што игра во
поставката да не е познат и успешен, што дополнително мотивира да се
погледне претставата - вели Миленковски. Актерската екипа ја чинат
Душан Бучан, Лука Драгиќ, Бранка Цвитковиќ, Зринка Цвитешиќ, Олга
Пакаловиќ и други. Миленковски вели дека поради рецесијата лани МНТ не
гостувал во Загреб, а веројатно нема да гостуваат ниту оваа година.
Миленковски ги најави и новите проекти што ги подготвува театарот. Во
тек е подготовката на претставата „Суд“ по истоименото дело на Коле
Чашуле во режија на Љупчо Георгиевски, чијашто премиера е закажана за
почетокот на февруари. Се подготвува и „Десет песни за Марија“,
претстава која ја подготвуваат Дејан Дуковски и режисерот Санде
Лопечиќ. Претставата е копродукција на МНТ и „Ноекелн опера“ од Берлин.
Се работи за постановка во која, освен актерска игра, има танцување и
пеење, што ја доближува до мјузикл. Во неа ќе учествуваат тројца
македонски актери. - Во Македонија има многу актери кои одлично пеат и
кои одлично би се вклопиле во мјузикл. Оваа поставка ќе ги воведе во
поинаков театар од тој што го има кај нас - во театар со повеќе музика
- најави Миленковски.
|