ЗА ДА ГИ МОТИВИРА ВРАБОТЕНИТЕ АКТЕРИ ВО националниот театарНаграда „Амфи“ за највредниот во МНТ
Во МНТ се вработени 42 актери, од кои има примери кои и со години не стапнале на сцената
Најактивниот актер во една сезона во Македонскиот народен театар ќе добие награда „Амфи“. Првиот добитник ќе биде актерот Александар Микиќ. Тој според статистикита на МНТ, во една сезона бил 189 пати на сцената. Наградата ќе се доделува на 21 март во МНТ, кога ќе биде одбележано раѓањето на актерот Ристо Шишков
Според директорот на МНТ, Сашо Миленковски, идејата на наградата е да се мотивираат актерите за да играат што повеќе. Наградата е 1.000 евра. Во МНТ се чини траен проблем е што група актери не стапнале на сцена. Нема да навлегувам зошто е така, може да се наведат еден милион причини. Важно е дека сакам да ги мотивираме актерите да играат што почесто. Многу се радувам кога некој актер дошол 200 пати во годината. Можеби наградата се чини мала, ама може да биде поголема. Парите ги обезбедивме од билети - рече Миленковски.Во МНТ се вработени 42 актери, од кои речиси половината не се активни со години.
РИСТИЌ ДОЦНИ
Од програмата планирана за годинава, останува определбата на МНТ да доминира класичната драмска литература, а да работат веќе докажани режисери. Режисерот Љубиша Ристиќ, кој веќе требаше да почне со работа на текст од Шекспир, ќе дојде штом ќе му излезе премиерата на нова претстава во театарот „Звездара“ во Белград. Според Танјуг, станува збор за премиерата на претставата „Конзулски времиња“, што ја работи според мотиви на делата на Иво Андриќ. Претставата била прво планирана да излезе кон крајот на 2008 година, но премиера имаше на 7 март.
- Со него се одложи работата за некоја недела, ама тоа не зависи од нас. Проектот ќе се реализира. Го очекуваме наскоро да пристигне, ќе има можност да се запознае со нашиот ансамбл и да ги избере актерите со кои ќе сака да работи. Ристиќ има македонско потекло. За мене е провокација да видам како ќе ја доживее Македонија по многу години. Досега работел во Битола, на претставата „Магбет“ - вели Миленковски. Во претставата „Конзулски времиња“ учествува и актерката Ана Костовска.
Режисерот Слободан Унковски ќе ги почне пробите за претставата „Змејовата невеста“ на 1 ноември, велат од МНТ. Веќе некое време во тек се преговори за соработката на Унковски со најголемиот национален театар. Станува збор за претстава од А-категорија, за која Министерството за култура одобрува најмногу два милиона денари. До крајот на годината во МНТ треба да работат и Златко Славенски, кој ќе работи дело од Достоевски и треба да почне со проби во септември, а деновиве се очекува во Скопје да пристигне и Иван Поповски, кој кон крајот на годината ќе работи дело од Шекспир.
ВЕСНА ПЕТРУШЕВСКА СЕ ВРАТИ ВО МНТ
Актерката Весна Петрушевска-Тренковски се врати во ансамблот на Македонскиот народен театар. На 28 март ќе биде премиерата на „Госпоѓа министерка“, копродукција помеѓу МНТ и продукцијата „Вртелешка“. Нејзина последна претстава на сцената на театарот „Центар“ беше „Доле влада“ во режија на Миленковски, од 2004 година.
- Таа полагаше аудиција, најрегуларно како кој и да е актер. Во комисијата беа Никола Ристановски, Сенко Велинов и Јордан Симонов. Претставата ја режира Наташа Поплавска. Очекуваме хит-претстава - рече Миленковски. Во почетокот на април, премиера ќе доживее и праизведбата на текстот „Лет за три глави“ од Загорка Поп-Антоска, во режија на Никола Ристов.
МНТ деновиве е коорганизатор на фестивалот на пантомимата „Панфиз“. Определбата на театарот е колку може повеќе да ги поддржува театарските жанрови кои акцент ставаат на телото.
- МНТ мора да ја поддржува културата на телото, на јазикот на телото. „Панфиз“ го поддржуваме зашто човекот што го организира Трајче Ѓорѓиев, е актер вработен во МНТ и не гледам зошто не би го поддржале. Како што соработуваме и со „Локомотива“, па и „Скомрахи“, повеќе или помалку, се сели во МНТ. Не им наплаќаме за тие активности. Таквите дополнителни настани се полезни за театарот, зашто тие манифестации ни носат странски уметници и помага за споредување со нив. Тие се манифестации со мали буџети и ако треба да платат и за сала, тогаш тешко дека ќе се одржат - смета Миленковски.
Сребра Горгијевска
Дневник, 19.03 2009 година