Линкови
Фејсбук МНТ

 

design by MNT
developed by VESTEL

МНТ - ТЕАТАР ЦЕНТАР, Климент Охридски ББ, 1000 Скопје, Р.Македонија
Телефон: 02/ 3164 667 contact@mnt.com.mk


31-07-2009 09:21 Останати Press
Гневни граѓани ја прекинаа „Троил и Крес
-

Изреволтирани поради гласната музика, жители од скопската Стара чаршија излегле пред публиката и побарале претставата да прекине, по краткиот застој реагирала и полицијата

Разлутени жители на Старата чаршија завчеравечер ја прекинаа петчасовната претстава „Троил и Кресида“, која пред стотици гледачи се одржуваше во Куршумли ан и на платото пред Музејот на Македонија. Гневни зашто музиката им била прегласна, тие барале да прекине изведбата. Прекинот траел неколку минути, додека дошла полицијата. Тогаш, изреволтираните граѓани биле тргнати настрана, а претставата продолжила без музика.

- Околу два и пол часот по полноќ одеднаш се појавија локални жители и почнаа на цел глас да викаат дека музиката им е прегласна. Со навредливи зборови викаа кон изведувачите, кон публиката. Бендот, кој беше дел од сцената, одеднаш престана да свири. Полиција таму немаше, туку дојде по неколку минути. Уште некое време нешто се случуваше на сцената, но немаше музика. Тогаш се' заврши, без да биде јасно дали е тоа крајот на претставата - вели скопјанка која останала во текот на целата петчасовна изведба.Прекинот се случил во последниот, четврти дел од претставата, пред нејзиниот крај. Членовите на бендот останале на сцената, но без да свират. Меѓу учесниците беше и музичкиот уметник Емин Џијан.

ИНЦИДЕНТ

- Одеднаш се појави човек во пижами, видно изреволтиран. Изгледа не можел да заспие, па се појави пред нас викајќи. Престанавме да свириме зашто не знаевме што друго да направиме. Такво нешто не би требало да се случува. Очигледно тоа беше пропуст на обезбедувањето. Среќа што се' се сведе само на викање и на неколку навредливи зборови - вели Џијан.

Претставата е во продукција на Македонскиот народен театар. Според директорот на МНТ, Сашо Миленковски, инцидентот бил занемарлив. Тој тврди дека пред почетокот на претставата биле преземени сите мерки за безбедност за публиката и изведувачите.

- Имаше мал инцидент, но тоа не влијаеше врз текот на претставата. Набргу се' беше решено и продолживме, секако потивко. Луѓето сосема очекувано реагираа на гласната музика. Беа преземени сите мерки за безбедност и имавме полициско обезбедување. Но, не може да се предвиди кој како ќе реагира. Сепак, битно е дека публиката виде одлична претстава. Тоа беше настан за паметење во нашата култура - вели Миленковски.„Троил и Кресида“ требаше премиерно да биде изведена викендов во рамките на Охридско лето, но беше откажана поради несогласувања меѓу МНТ и градот Охрид околу нејзиното финансирање.

СПЕКТАКЛ

По откажувањето во Охрид, претставата беше дополнително вметната во програмата на манифестацијата Скопско лето. На нејзината изведба во Куршумли ан во Скопје дојдоа стотици граѓани. Повеќето од нив докрај ја проследија петчасовната претстава.

„Троил и Кресида“ е во режија на Љубиша Ристиќ, а драматургијата е на Ивана Нелковска и на Братислав Димитров. Актерската екипа е составена од 130 члена. Околу осумдесет се од ансамблот на МНТ, но има и актери од други македонски театри и студенти од Факултетот за драмски уметности. Темата е како да се изгради и да се разори град, а тоа е прикажано преку четири дела поврзани со античката митологија. Првиот дел е оперски со епски пеења од Хомеровата „Илијада“. Вториот насловен „Кратка историја на Олимп“ е комбинација на антички митови, рокенрол и модерен танц. Третиот дел е трагикомедијата „Троил и Кресида“, а четвртиот и најкраток дел е „Црвен килим“ и враќање на „Илијадата“. Во комплексниот проект се обединети повеќе уметности - балет, куклен театар, опера, кабаре, живи слики, циркус. Сценографијата содржи разни објекти, машини, како и стотина костими. Во текот на изведбата се менуваат различни стилови музика - класика, рок, џез, современи електронски звуци.

Вечерва пред битолчани

„Троил и Кресида“ ќе биде изведена вечерва во 21 часот во Заводот и музеј во Битола. Влезот за претставата ќе биде слободен, но за да се избегне метежот што се појави пред премиерата во Скопје за публиката се предвидени и влезници. Граѓаните ќе може да ги набават бесплатно во Битолскиот народен театар вечерва од 18 до 21 часот.

Тоше Огњанов

Останати Press