Линкови
Фејсбук МНТ

 

design by MNT
developed by VESTEL

МНТ - ТЕАТАР ЦЕНТАР, Климент Охридски ББ, 1000 Скопје, Р.Македонија
Телефон: 02/ 3164 667 contact@mnt.com.mk


13-05-2009 06:46 Останати Press
МНТ прави тројански коњ
Европската војна, која трае 3.000 години, а од Троја до денес, е иста
МНТ прави тројански коњ




Европската војна, која трае 3.000 години, а од Троја до денес, е иста. Вака познатиот режисер Љубиша Ристиќ ја најави претставата „Троил и Кресида“, која ја режира во МНТ.
Станува збор за мегапроект, екипата ќе има 120 членови, од кои 80 актери - скоро целиот ансамбл на МНТ, актери од други македонски театри и студенти од Факултетот за драмски уметности.
Основата на претставата е Шекспировата драма „Троил и Кресида“ и Хомеровата „Илијада“. Таа ќе се изведува на отворено, на плоштади, и ќе трае од утро до вечер. Се работи за комплексен проект што обединува повеќе видови уметности - балет, куклен театар, опера, живи слики, кабаре, циркус, со богата сценографија, дизајн, објекти (тројански коњ и други животни) и машини, стотина костими и сето тоа придружено со разни видови музика - класика, рок, џез.
- Главната тема е како да се изгради и да се разори град. За тоа пишува Шекспир, пее Хомер и раскажува нашата претстава. Ќе направиме еден голем средновековен панаѓур, а публика ќе бидат минувачи, деца, семејства, жени кои тргнале на пазар - рече Ристиќ на вчерашната прес-конференција.
Според него, случувањата на улица во брехтовска смисла и нивното преплетување ќе предизвикаат различни заклучоци кај секој набљудувач и оти тоа и е целта на претставата - не секој да види се од таа долготрајна изведба, туку секој од неа да понесе свои заклучоци.
Во почетокот на јули ќе биде праизведбата на претставата, најверојатно во Битола, а потоа тој месец таа ќе гостува во шест до десет града во земјава. Во Скопје ќе биде изведена во септември. Листата на градови, актерската екипа и други детали за „Троил и Кресида“ ќе бидат дополнително соопштени.
Директорот на МНТ Сашо Миленковски рече дека претставата ќе гостува секаде каде што има интерес за неа, потсетувајќи дека станува збор за скап проект што ќе се реализира во партнерска соработка со Министерството за култура, бизнис-заедницата и локалната самоуправа. Ристиќ додаде дека во Западна Европа вакви проекти не се прават зашто се скапи или ги прават земјите кои можат да си дозволат 20 милиони евра.
- Ние можеме да го направиме тоа зашто ние чиниме малку. Се уште можеме да работиме за безначајни хонорари, како сиромашни, кои се радуваат. Тоа можеби веќе ќе го нема кога еден ден ќе станеме дел од Европската унија. Тоа е формулата по која се прави ваков спектакл - истакна Ристиќ.
За македонските актери тој рече дека се најталентираните на поранешните југословенски простори, нагласувајќи дека таквиот заклучок го искажал уште пред 20 години. Ристиќ има впечаток дека овдешните театри се ослободени од политички притисоци.
Љубиша Ристиќ е меѓу најзначајните европски режисери во 20 век и создавач на К. П. Г. Т. (казалиште, позориште, гледалишче, театар) што обедини познати актерски имиња од сцените на сите републики на поранешната заедничка држава. Истиот модел овој пат ќе функционира во мало - актерите и идните актери во Македонија заедно ќе играат во една голема претстава.

Шпиц


Останати Press