Линкови
Фејсбук МНТ

 

design by MNT
developed by VESTEL

МНТ - ТЕАТАР ЦЕНТАР, Климент Охридски ББ, 1000 Скопје, Р.Македонија
Телефон: 02/ 3164 667 contact@mnt.com.mk


02-05-2009 05:32 Останати Press
Македонскиот театар е водечки во регионо
Многу поважно е да го обновиме заедничкиот културен простор отколку да остваруваме плодни политички врски

Македонскиот театар е водечки во регионот

 Многу поважно е да го обновиме заедничкиот културен простор отколку да остваруваме плодни политички врски

Градењето и разорувањето на градот го мотивираа познатиот српски режисер Љубиша Ристиќ да почне со подготвување на голема театарска претстава во Македонскиот народен театар. Станува збор за „Троил и Кресида“ од Шекспир, во која се ангажирани осумдесетина актери, меѓу кои целиот ансамбл на МНТ и уште исто толку колеги од Драмски, студенти од Факултетот за драмски уметности, кои заеднички креираат претстава што ќе трае десетина часа и ќе биде наменета за игра на отворено. Ристиќ важи за еден од најконтроверзните режисери од поранешната заедничка држава, чии претстави секогаш предизвикуваат големо внимание. Неговата дипломска претстава „Болва в уво“ од 1971 година стана најдолговечната театарска претстава во Југословенско драмско позориште во Белград. Изведена е околу 1.300 пати, во 38 театарски сезони. Пред 30-ина години, заедно со режисерката Нада Кокотовиќ, го основал авангардниот КПГТ- Казалиште, Позориште, Гледалишче, Театар. Во последните десетина години и' се посвети на политиката, а го запостави театарот. Најавува дека во наредните 30 години ќе биде обратно. Македонец по мајка, Ристиќ е пресреќен што по 15-ина години повторно ја има можноста да работи во Македонија, а првпат во МНТ.  Се чувствувам како дома. Јас сум половина Македонец. Мајка ми е Македонка. Се чувствувам прекрасно, зашто сум опкружен со одлични актери, соработници.

МАКЕДОНСКИТЕ АКТЕРИ СЕ НАТПРОСЕЧНИ

* Зошто се одлучивте токму за Шекспир и избравте на таков специфичен начин да ни го доловите времето пред три милениума и античкиот театар?

- Сакаме претставата да ја играме летово во повеќе македонски градови, ќе играме на улица, плоштади, ќе се игра цел ден. Ќе има во себе разни претстави, ќе има многу и од „Илијада“, делови претстава за деца, како во старата грчка традиција, ќе има цел ден театар! Ќе има голем тројански коњ, воени машини, големи кукли, се' што би симболизирало антички театар, како средновековен театар, голема црковна процесија, како циркус што доаѓа во градот, но и кореодрама, драмски сцени, комедија дел арте. Претставата ќе биде голем панаѓур посветен на историјата на театарот, нашата тема е градењето и разорувањето на градот. Темата е во суштина како да се живее во градот, како тој да се создаде и европското проклетство - како да се сруши! Правиме претстава за Тројанската војна што трае до денес. Изборот на текстот го направивме заедно со раководството на МНТ и заклучивме дека тоа би било интересно за македонската публика, како и за актерите и останатите соработници.

* Го ангажиравте целиот ансамбл на МНТ. Каков е Вашиот прв впечаток за него?

- Тој и понатаму е водечки театар во нашите простори. Македонските актери и режисери и сите што се занимаваат со театар во земјава, секогаш биле водечки. Тоа е талентиран свет, луѓе што секогаш биле над просекот. Сега работам со неколку млади од Академијата и повторно го гледам истиот талентиран убав свет што го знам веќе 30 години од Македонија. Театарот во Македонија отсекогаш имаше важно место за некогашна Југославија. Македонските актери, и воопшто театарот, важеа за водечки уметници. Работиме голем проект во многу тешки времиња кога на големо се кратат програми и буџети. Тоа е дополнителен проблем за претставата, но ние ќе пробаме со тие минимум пари што ги имаме на располагање и со помош на луѓето што го сакаат театарот и пријателите од бизнис-секторот, да си помогнеме, а што се однесува до техничките елементи, тоа ќе го решаваме со духовитост и со вештина на нашите соработници, а со помалку пари. Така, ако вашите читатели се исплашат дека ќе потрошиме многу пари, нека се смират, ќе потрошиме само тоа што е за трошење. И да сакаме, нема пари што можеме да ги потрошиме или ќе ги спружиме нозете колку што ни е долга чергата. 

* Со оглед на тоа дека големи претстави направивте во мали театри, дали сте од тие режисери што веруваат дека за театар побитна е добрата идеја, а не многу пари?

- Моите спектакуларни претстави секогаш беа изведувани во мали театарски групи, како КПГТ или малиот театар од Суботица, Младинско во Љубљана. Но, отсекогаш ме следеше режисерска пропаганда, дека сум автор што прави спектакли и троши многу пари, а никој не знаеше со колку малку пари ги правевме. Учествувавме на фестивали во странство и од парите што таму ни ги плаќаа, правевме претстави. Тоа е разликата меѓу театарот каков што го работев јас и некои гиганти што се поставуваа во големите државните институции.

ТЕАТАРОТ Е ПОВАЖЕН ОД ПОЛИТИКАТА

*Пропаѓањето на некогашната заедничка држава предизвика да се затворат и комуникациите меѓу уметниците. Се отвораат ли полека?

- Сите ние што се занимававме со театар, работевме во целата земја. И одеднаш таа земја исчезна и беше многу тешко да се обноват врските што ги имавме, по Европа, Австралија, Америка. Се' се наруши. И јас лично не работев со години. Некое време се занимавав со политика. Никогаш не го напуштив театарот, но беше многу поинаку отколку претходно. Денес целата таа ситуација се' уште е доста комплицирана, и политички, социјално, а постојат куп нерешени проблеми. Мислам дека театарот е над тоа и тој е поважна работа од секоја политика и секогаш е добро кога луѓето соработуваат. Многу се радувам кога мои колеги работат по цела поранешна Југославија. Имав голема пауза од театарот, но тоа беше повеќе моја лична одлука отколку други околности. Сега имам 60 години и во следните 30 мислам интензивно да се занимавам со театар. 

* Може ли културната размена повторно да не' спои, а без да се размислува за граници?

- Пред 20-30 години бев млад режисер. Околностите беа такви што тргнав на пат и почнав да работам во цела Југославија. Во тоа време тоа не беше обичај. Без никакво претерување можам да кажам дека оттогаш многу други колеги почнаа да работат на тој начин и тоа стана константа на нашиот театарски живот. Тогаш дојде војната и распадот на земјата и тоа запре, и сега тргнува од почеток и тоа е многу добро. Мислам дека тоа веќе не се инциденти и мислам дека е културна политика што го обновува тоа со кое се занимавав јас во последните 30-40 години од својот живот, а тоа е единствениот културен простор во кој сите ние живеевме и работевме. Можевме да бидеме различни држави, јазици, традиции, но се' уште тоа е еден единствен културен простор, кој е едно големо богатство за нас и предност. Дали ќе умееме тоа да го обновиме, многу е поважно отколку дали ќе оствариме плодни политички врски. Тој културен простор, доколку во него живееме сложно и во него се учиме едни од други, тој ќе создаде предуслови и за економски и за политички врски. Се' почнува и завршува со културата. Распадот на Југославија почна од културата. 

* Каква драмска литература најмногу Ве предизвикува?

- Најмногу сум работел домашни автори. Душан Јовановиќ, Данило Киш, Мирослав Крлежа, Александар Поповиќ и Шекспир, кој е наш домашен писател. Секогаш кога во моментов нема нов домашен драмски текст, посегам по стар домашен текст - од Шекспир.

Сребра Горгијевска
Останати Press