ТЕАТАРСКА УБАВА ГАЛА ВЕЧЕР ВО МНТ
Актерот е актер... Микиќ!
За првпат во
Македонија имаме гала вечер посветена на оној што најмногу гине на
сцената и поради кој публиката оди во театар - Актерот. Завчеравечер на
21 март, таа вечер беше посветена на бардот Ристо Шишков и
најекпонираниот актер во 2008 во МНТ Александар Микиќ. Убава чест, убав
потег - браво!
Црвен
тепих, камери, дотеран свет, насмеани лица, позитивна атмосфера... за
првпат гала вечер во МНТ! И за првпат во чест на актерот! Во холот не
пречекаа фотографиите со бардот Ристо Шишков, чиј роденден, 21 март, па
во иднина ќе биде Ден на актерот.... така барем ветија од нашата
национална театарска куќа... Убав потег, убава чест - браво!
Уште еден актер, жив, (и тоа колку!) беше центар на театарот таа
вечер - Неуморниот, ретко упорниот, за кој не само декларативно
колегите немаат лош збор - Александар Микиќ! Замислете, тој, од можни
240 репертоарни денови во МНТ бил присутен на сцената дури 147! Бројка
за респект. Заслужени 60.000 денари и награда Амфи, која за првпат се
доделува годинава, за актерот кој има одиграно најмногу претстави во
текот на една година (2008).
Инаку, многу спонтано, неконвенционално, симпатично, разиграно,
ведро и весело, беше прикажан и раскажан актерскиот свет на Микиќ,
актерите, колегите се "зезаа" најмногу на негова сметка, но и поклоните
и почестите му ги подарија нему, на нивниот Саше, Цакани, Александар
или едноставно нивниот Микиќ!
Јелена, Драгана, Софија, Гораст, Сашко и Славиша, негови помлади
колеги, заедно со музичарите кои во 2008 "мелодиски" го одбележаа
репертоарот на МНТ ја плетеа приказната за Микиќ. Замислете, го
поздравија и Хју Хефнер, Марлон Брандо (постхумно), а љубоморни му беа
и Ал Пачино и Роберт де Ниро на наградата, посакувајќи си и за себе по
еден Амфи...
Во супер атмосфера, со повеќе од 10-минутен аплауз, проследен на
нога, инициран, пред се, од неговите колеги кои во публиката ги имаше
прилично, МНТ за и во чест на Микиќ. За него но и за бардот Шишков МНТ
ни приреди пријатна, убава вечер, верувам за долг спомен и повторно
верувам за најава на долга традиција. Браво за Микиќ и МНТ. А тој не
отпоздрави, одвај задржувајќи ги солзите, а самиот себеси си вети (и
посака) и догодина ова да му се случи. Но, есапот сигурно ќе му го
поматат и другите претенденти кои ги има преку 40-тина. Пријатна трка
актери!
Борче ГРОЗДАНОВ
Вечер, 23.03. 2009 година